|
Продолжува истрагата за тешката сообраќајка во која загина Тоше Проески. По извршената анализа, кај ниеден од учесниците во несреќата не е пронајден алкохол во крвта.
Истражните органи кои вчера излегоа на местото на настанот констатираат дека видливоста на автопатот била добра, коловозот сув, а сообраќајот слаб.
Истражниот судија од Славонски Брод одби да го коментира обдукциониот наод извршен врз Тоше, но нагласи дека наредил вештачење на џипот.
„Наредив на сообраќајниот вештак да изврши преглед на возилото, да се утврди динамиката на сообраќајната незгода со оглед на положбата на возилото во моментот на несреќата и со оглед на брзината“, изјави Стјепан Фрањиќ, истражен судија од Славонски Брод.
Се очекува вештачењето на џипот на Тоше да биде завршено најрано во вторник. Треба да покаже дали Туарегот имал некакви технички недостатоци.
Истражниот судија останува на ставот дека причина за несреќата е недржење растојание меѓу возилата и неприлагодената брзина. Ѓорѓи Ѓорѓевски бил уморен, не се исклучува можноста да задремал.
Тој е во болницата во Нова Градишка, вон животна опасност, но со тешки повреди, потрес на мозокот, исеченици на главата и искршеници на карлицата. Психичката состојба на Ѓорѓевски ги загрижува докторите.
„Тој избегнува да разговара, мислам дека е под шок. Дојдоа негови пријатели, со кои исто така скоро и да не сака да комуницира“, рече Дражен Оршуљиќ, доктор во општа болница Нова Градишка.
Во реконструкцијата на несреќата, џипот кој го управувал Ѓорѓевски со десниот преден дел удрил во задниот лев дел на камионот со приколка. Од силината на ударот се извртел и удрил во оградата на средината од автопатот. Тоше Проески загинал на лице место.
|