|
Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземало таква тага и очај. Овие зборови на архиепископот г.г. Стефан најдобро ја опишуваат атмосферата во која Македонија вчера се прости од својот „ангелски глас“ Тоше Проески. Со липање и со неизмерна почит верната публика и на крушевско Гумење вчера му го подари последниот аплауз на својот сакан.
- Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземала таква тага и очај. И со право, зашто изгуби ангел. Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангели - се прости архиепископот г.г. Стефан од „ангелскиот глас“.
Премиерот Никола Груевски во обраќањето рече дека Тоше не' научи на чистота, на јасност, на упорност, на скромност, на хуманост, на искреност. - Не' научи на вредности на кои треба да почива универзумот. Ни остави песна за да не' теши и да не' потсети како е да се биде човек - рече Груевски на комеморацијата пред неколку илјади крушевчани, Македонци, почитувачи на Тоше, кои како река дојдоа да се простат со својот миленик.
Тажното простување од големата ѕвезда почна уште изутрината, во црквата „Пресвета Богородица“, каде што Тоше бил крстен. Мирисот на темјан измешан со мирисот од запалените свеќи само ја дополнуваше траорната атмосфера, во која присутните го оплакуваа милиот пејач. Црквата беше претесна да ги собере сите што за последен пат дојдоа да се поздрават со големиот човек.
Од црквата ковчегот беше ставен на лафет од каде што поворката тргна кон месноста Гумење, кај Споменикот на крушевската револуција. Другарите на Тоше со венци и со цвеќиња во рацете го предводеа ковчегот до вечното почивалиште. Мајката на Тоше, која ни за момент од рацете не го испушти македонското знаме што го покриваше сандакот неутешно плачеше изговарајќи го неговото име. Големиот простор кај Споменикот на Крушевската Рeпублика беше премал за да ја собере сета тага што надвисна над малото гратче.
Трогателно, со многу емоции актерката Весна Петрушевска со говор се прости од својот пријател.
- Најстрашно е што Македонија го изгуби најдоброто нешто. Мислам дека умре надежта. Мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш се родила во Македонија - рече Петрушевска.
Долга беше редицата на сите што сакаа да се поклонат пред неговиот ковчег и последен пат да ја бакнат сликата на Тоше. Освен родителите и најблиските роднини најнеутешни беа неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и блиската пријателка на Тоше, Адријана Будимир.
Илјадници крушевчани и луѓе од другите градови со часови се стискаа на гробиштата во Крушево за да го испратат Тоше до вечниот дом.
Неколку часови имаше само молк и по некоја воздишка. И со некој шепот за тоа каков ангел изгуби земјата. Молк. Но, по само првиот такт на посмртниот марш залелека цело Крушево. Дури и кучињата болно завиваа како да ја чувствуваа тагата по земниот ангел. Покрај свежо ископаниот гроб, таткото на Тоше, скршен од болка, побара да го отворат сандакот за да види го својот син за последен пат. Додека го отвараа капакот и Адријана Будимир посака да го види. И на двајцата им ја исполнија желбата.
- Ве молам да го видам, пуштете ме да го видам - повторуваше Адријана.
Болни крикови одекнуваа додека ковчегот со телото го спуштаа во гробот, испратен со почесна стрелба на почесната стража на АРМ.
Постхумно прогласен за почесен граѓанин на Македонија, Тоше вчера беше погребан со најголеми државни почести. На неговото испраќање присуствуваше државниот врв, а венци пред ковчегот со неговото тело положија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски и речиси сите членови на Владата, делегации од политичките партии, хуманитарни организации на кои тој несебично им помагаше. Во реката луѓе што се поклонија пред големиот пејач беа неговите колеги, пејачи од Македонија и од Балканот, актери, црковниот врв, но и одбојкарите од неговиот клуб, игроорци, неговите пријатели, илјадници обожаватели... Последна почит му оддадоа и многу негови пријатели од балканската естрада, меѓу кои Калиопи и Васил Зафирчев, Весна Гиновска-Илкова, Бени и Нора Шакири, Адријан Гаџа, Тони Цетински, Жељко Јоксимовиќ, Светлана Ражњатовиќ, Аки Рахимовски и други. Беа и амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере и градоначалникот на Скопје Трифун Костовски.
Поради големиот стрес, неколку лица колабираа за време на погребот и им беше дадена лекарска помош. Меѓу нив беше и Лилјана Петровиќ, која не дојде на гробиштата бидејќи по комеморацијата ја однесоа во болница.
|