|
АД Македонска пошта соопшти дека ќе издаде комеморативна поштенска марка со ликот на Тоше Проески. Одлуката за издавање на марката е донесена на денешната седница на Советот за издавање поштенски марки при Македонска пошта. Но, тука не завршуваат постхумните почести за македонската музичка легенда. Напротив! Група помлади и возрасни граѓани од Битола вчера соопштија дека ќе поведат иницијатива, средното музичко училиште во овој град да го носи името на Тоше Проески. Тоше Проески своето средно образование го заврши во битолското музичко училиште како најдобар во генерацијата 1995/99 година кога и матурира. Учеше соло-пеење кај професорот Пеце Митревски. Иницијаторите вчера поставија пано-табла во школскиот двор со натпис Средно музичко училиште Тоше Проески - Битола. Патем, и Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп вчера одржа комеморативна седница по повод смртта на Тоше Проески. На комеморативната седница присуствуваше целиот Извршен колегиум и 280 деца-членови на Амбасадата кои со искрени срца го сакаа Тоше, соопшти Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп. Овој ден ќе го паметиме вечно за нашиот пријател кој секогаш кога поминуваше покрај нас одејќи од родното Крушево за Скопје, не изоставаше да не помине, и да се поздрави со Вас наши и негови најмили – децата, рече генералниот секретар на Детската амбасада за сите деца во светот, Дамјан Стојаноски. Тој најави дека Детскиот едукативен центар ќе го носи името на Тоше Проески. Неговото дело на хуманост, љубов и вера во Бога ќе остане вечно во траорот на нашите души, затоа што ние како хуманитарна организација имавме навистина силен пријател и драг другар кој не бодреше и поддржуваше во заедничките напори на градењето на хуманистичкото општество. Чудото Тоше Проески, со големо срце полно со љубов, нема да биде само чудо во наредните три дена, неговото име ќе се овековечи за навек од нас неговие искрени пријатели и на ваша желба драги наши деца, вели Стојаноски.
|