|
Не престанува плачот и тагата во Крушево. Луѓето се уште мислат дека ова е само лош сон кој ќе престане. Ја нема најсјајната ѕвезда во Македонија - Тоше.
Неговото семејство и ова утро дојде да го посети гробот. Неговиот прв братучед, кој му бил обезбедување додека Тоше беше во „Авалон продукција“, а кој и самиот се вика Тоше Проески, за првпат проговори како семејството ја примило веста за несреќата.
Негов другар во 8 часот утрото му кажал дека Тоше загинал. Не верувал, бидејќи не било првпат да добијат таква лажна вест. Кога отишол на работа официјалната потврда ја слушнал на радио.
Веднаш заминал во куќата на Тоше, каде неговите родители веќе ја дознале веста и ги пронашол згрчени од тага, каде плачат легнати на земја во визбата.
Според него, возачот на Тоше не бил спиен цели 24 часа поради набиената агенда која ја имале тој ден.
Станал утрото околу 8 часот, потоа од Крушево заминале за Прилеп, па во Скопје, откаде околу полноќ тргнале за Хрватска, каде се случи несреќата.
Според бартучедот на Тоше откако Тоше влегол во „Фајнл кат продукција“, малку се оддалечил од семејството. Вели дека неговата менаџерка му поставувала такво темпо на живот кое никој не можел да го издржи.
Демантира дека таа не била примена во куќата, но сама знаела дека не може да биде тука, па по неколку минути стоење на скалите надвор од куќата, си заминала.
На гробот, покрај роднините, беа присутни и неговите другарите кои никогаш не можат да ги заборават неговите дела. Тука беа и членовите на одбојкарскиот клуб, кого пред неколку недели го формира лично Тоше, а во саботата ја постигнаа и првата победа.
Неговите роднини, бидејќи не можат да им вратат на сите писма кои ги добиле, преку А1 искажаа благодарност на сите оние кои сочувствуваат со нивната тага.
|