|
Едноминутно молчење и иницијатива - Универзалната сала да се преименува во „Тоше Проески“. Советниците на Либералната партија го предложија менувањето на името со образложение дека градот на ваков начин може да и оддаде признание на најголемата ѕвезда која воопшто ја имала државата.
„Универзалната сала како доминантен концертен објект со гордост може да го носи името на уметникот кој во детството во неа за првпат запеа на детските фестивали и токму во неа одржуваше бројни концерти и хуманитарни настани“, рече Иван Величковски, ЛП.
Одлуката ја прифати и градоначалникот на Скопје. Но ги кажа и забелешките кои ги имал за погребот на Тоше Проески, истите што ги имаше и три дена по неговата смрт.
Според Костовски, ковчегот со Тоше требало еден ден да се остави во Скопје, а следните денови во другите поголеми градови. На Костовски не му се допаѓала и локацијата на која е погребан Тоше.
„Мојот впечаток е како ние да погребавме најголем криминалец. Веднаш го донесовме и веднаш го ставивме внатре, без да дозволиме граѓаните навистина да се простат од него“, изјави Трифун Костовски, градоначалник на Скопје.
Советниците на град Скопје и градоначалникот Костовски ќе побараат согласност од семејството за преименувањето на Универзалната сала.
Адвокатот Стеван Ацевски, вујко на мега ѕвездата, за А1 изјави дека е рано да се даде одговор, но според него, семејството најверојатно ќе ја прифати иницијативата Универзалната сала да се вика „Тоше Проески“.
За трагично загинатиот македонски пејач пишува и лондонски „Тајмс“: „Веста за смртта на Тоше Проески во поранешните југословенски републики е примена со шок, сличен на оној што своевремено го доживеаја обожавателите на Елвис Присли или на Џон Ленон“.
Во весникот пишува за хуманитарните концерти на Тоше и дека најпопуларниот пејач на Балканот успеа да ги премости разликите меѓу народите и културите кои ги има на југот на Европа.
|