|
"Никој однапред не може да каже за некого дали ќе биде прогласен или не за светител. Треба да помине време и она што Црквата треба да го има за оценување треба да го направи", изјави вчера во Струмица поглаварот на МПЦ г.г. Стефан коментирајќи ја иницијативата на дел од македонските граѓани покојниот Тоше Проески за својата добрина и хуманост да биде прогласен за светец. Според г.г. Стефан, прогласувањето на светител се врши спред процедура и критериуми кои се востановени во Црквата Христова, така што било прерано да се зборува за тоа. Но, имајќи ја предвид добрината што ја поседувал покојниот Тоше за сите граѓани, поглаварот на МПЦ нагласи дека тој заслужува почит и признание од Црквата и верниците. "Откако почина откривме колку бил боголубец, колку им помогнал на луѓето, на сиромашните, на болните. Беше човек којшто навистина може да биде пофален за својот богоугоден живот, затоа што на негови години и можности изгради манастир на падините покрај Крушево. Тоше заслужува секаква почит и признание од нашата Црква, од нашиот народ за се она што го направи за неговите години", рече г.г. Стефан. Тој минатата недела имал средба со родителите на Проески и разговарале за идејното решение за гробницата што се најавува. Според него, семејството треба да си одлучи каква гробница треба да се подигне за покојниот Тоше.
|