|
Славната ракометарка Андријана Будимир 45 дена по смртта на нејзиното момче мегаsвездата Тоше Проески за прв пат зборува за нивната врска. Специјално за ова интервју таа за првпат ги отстапи и своите фотографии со Тоше од нејзината приватна архива. Андријана живее во Скопје каде се пресели во април годинава за да биде заедно со Тоше. Го напушти ракометот и како што вели реши да се посвети на љубовта. За прв пат отворено зборува за нивната врска, но и за проблемите и неодобрувањето кои ги имале поради менаџерката на Тоше, поради што дури и морале да ја кријат љубовта. "Овие 45 дена поминаа страшно. Се потешко е и потешко. Како поминуваат деновите се повеке ја сфаќам реалноста. Дека веќе никогаш нема да го видам. Дека никогаш повеќе нема да се гушнеме. Помина првобитниот шок кога не сакаш да веруваш во она што се случило. Тешко е да се живее со чувството дека никогаш повеќе нема да се врати.", вели низ солзи Андријана. - Каде си, што правиш? - Тука сум во Скопје и моментно се обидувам да живеам. Пред да се случи ова имав многу планови, кои се уште стојат зашто немам волја и желба било што да почнам. Се стои во место. Тешко е да се живее вака. За жал жива под земја не можам и знам дека морам да најдам сила да живеам без него. Тешко ми е дома мегу 4 sида, а уште потешко кога ќе се симнам до продавница. Лугето ме гледаат, некои ме пипкаат и преку мене го гледаат Тоше. Многу пати расплакана од продавница се враќам дома. Кога сум сама дома сите слики во станот ме потсетуваат на него. Ако заспијам го сонувам што е уште потешко. Имам пријатели кои го знаат тоа и кои најчесто се со мене, ме тешат ми даваат поддршка за да издржам и да не бидам дома сама. Доаѓа и мајка ми. Имам многу пријатели уште од 2001 кои ми останаа до денес. Тука се и заедничките пријатели со Тоше со кои најчесто зборуваме за него и за нашето дружење. - Како се сретнавте со Тоше? - Во Македонија ги доживеав двете најголеми емоции во една ноќ. Во иста вечер го имав најголемиот професионален успех и ја запознав љубовта на мојот живот. Тоа се случи 2002, баш на Плоштад кога се славеше победата на "Кометал" кога станавме европски шампиони. Во тоа масовно гушкање на бината, бакнување и еуфорија се случи и првата прегратка со Тоше. Се запознавме, се изгушкавме, ми честиташе за постигнатите голови и се разделивме. Зашто во тој момент секој што беше на Плоштад сакаше нам ракометарките да ни пружи рака. Јас пред да го запознаам му ги слушав песните, учев македонски преку неговите песни, но не го знаев лично. Му ги сакав песните но никогаш не мислев дека тој понатаму ќе ми биде дечко, љубовта на мојот живот. А кога се поздравивме јас веднаш се тргнав и отидов да го држам победничкиот пехар и не бев свесна во тој момент со кого се запознав. После неколку дена откако спласна еуфоријата Тоше ми се јави и се договоривме да одиме на кафе кај нашата заедничка пријателка Енџи. На таа прва средба од него дознав дека и тој бил голем обожавател на "Кометал" и беше воодушевен од нас и нашиот успех. После тоа се договоривме сами да одиме на кафе. И така почна. Сега после се, истата таа другарка, која му го дала на Тоше мојот мобилен и која не запозна, ми јави и дека Тоше загинал во сообраќајна незгода. - Каква ви беше врската? - Не се делевме. Дури ме носеше со него во студио, каде што сметам дека не е во ред да одам. Како ќе беше јас него да го носев на тренинзи? Но, ми беше драго што сакаше да бидам дел од неговата работа. Одев со него во Атина, а кога не снимаше одевме на плажа. Кога почна ракометната сезона тој доаѓаше на натпревари. Толку многу навиваше и вриштеше што често на шега му велев, еј полека да не си го изгубиш гласот. Беше навистина чиста врска меѓу мене која имав 22 години и него кој имаше 21 година. Хемијата и емоциите од прв ден беа исти, но со оглед на нашите години и кариери беше невозможно да се породолжи така. Јас заминав во "Подравка", но и покрај тоа како-така врската се одржуваше. Кога тој снимаше во Минхен, јас ги комбинирав деновите на тренинг и бев пет дена да се видиме. Се случи после и со уште неколку градови. Подоцна заминав да играм со дрим тимот на "Слагелсе", а по истекување на тој договор заминав за Валенсија. Но, времето поминуваше, а нашите обврски, далечината и заедничката љубомора си го нарави своето. Врската се прекина. - Што се случуваше понатаму? - Додека бевме разделени неколку пати доаѓав во Скопје и секогаш на кратко се гледавме. И двајцата бевме свесни дека без оглед на далечината емоциите и хемијата се исти, но и тој и јас продолжувавме понатаму со нашите кариери. Едно време јас и Тоше престанавме да се слушаме, но тој се слушаше со сестра ми и преку неа знаеше се за мене, а и јас за него. Преку сестра ми ми честиташе роденден. Неколку дена пред неговиот роденден сестра ми ми рече дека не може повеќе да издржи да биде мегу нас двајцата, дека бидејки тој мене ми честитал роденден, треба сега јас да му честитам нему. За роденденот му пуштив порака во која не си го напишав името но, му напишав некои работи кои беа наши заеднички, ги знаевме само ние двајцата и знаеше дека тоа сум јас. Од тогаш почнавме да се слушаме, да си пишуваме пораки и меилови. Ми рече дека чека да му помине концертот во "Арена" и дека сака да дојде кај мене во Шпанија. Кога ми рече дека сака да дојде не можев да поверувам зашто знаев колку се плаши од авионите и сам да седне во авион и да дојде навистина не можев да поверувам. Но, се случи. Јас го чекав на аеродром. И кога се симна како никогаш да не сме биле разделени. Двајцата со трема прво стоевме и се гледавме и не знаевме што да зборуваме. После почнавме да се гушкаме. И беше нешто сосема друго. И јас и тој во меѓувреме сме пораснале и сосема поинаку ги доживуваме сите нешта. Поминавме една прекрасна недела кај мене дома. Тогаш сфативме дека веќе не можеме еден без друг и дека нешто мора да се направи. И јас и тој тогаш сфативме дека што и да правиш во животот, ако емотивно си празен, се е џабе. Тој ми рече - дојди да живееш со мене. Но, знаев дека некој од нешто мораше да се одрече, зашто се покажа дека врска од далечина не може да функционира. Знаејќи колку тој ја сака музиката и колку е голем неговиот талент полесно беше јас да се откажам од мојата кариера. И покрај тоа што имав супер договор и што имав стан од 150 квадрати на плажа. Но, сето тоа веќе ништо не ми значеше. Од 16 години играм ракомет, работев и заработив и повеќе егзистенцијата не ми беше важна. Не ми требаше популарност, зашто и неа ја имав. А имав и повреди на рамото. Со еден збор јас го постигнав својот максимум а тој имаше уште многу да даде. Затоа повеќе ми беше важна љубовта и сите други работи кои доаѓаат со годините. Тој се врати од Шпанија и замина на снимање во Шведска. Пет дена потоа јас дојдов во Скопје, кај него дома. Тој замина на пат, а јас се вратив во Шпанија. За некои работи немав место во куферот, ми останаа кај него дома. И кога се вратил дома, кога ги видел ми се јави и ми рече: Супер, кога ти ги видов стварите сфатив дека стварно ќе се вратиш. Се вратив, во април. - Вистина ли е дека кога си доаѓала со куферите од Шпанија Тоше те чекал дури на платформа? -Да и не можев да поверувам во тоа. Кога го видов како стои на платформата ќе се онесвестев. Вработените ни велеа ајде влегувајте во оваа просторија да не ве гледаат луѓето, да бидете сами додека да ми стасаат куферите. Така продолжи нашата врска. Сме разговарале за се и сешто. За иднината. Двајцата бевме свесни што значи да имаш интернационална кариера. Двајцата бевме свесни дека формирањето на семејство има свои обврски, кои кариерата не ги трпи. Решивме да бидеме заедно па што понатаму даде Господ. Сакав да му бидам поддршка, како што му е неговото семејство. Безрезервна поддршка. Иако во еден момент ме праша дали ова што го правам силно го посакувам, за да не дојде еден ден да му префрлам дека заради него сум се откажала од се. Но, јас бев свесна за мојот чекор и тоа беше моја цврста одлука. Нешто што стварно го сакам. Ми рече дека ако сакам може да одам на разговор во "Кометал", дури и бевме но, сфатив дека оваа екипа која е во моментов не може да го даде тоа што го даде тимот во 2002. А и повторното враќање во ракометот значеше повторно обврски. А и се случуваше на пола турнеја да ми се јави да одам да бидам со него зашто му е тешко. А ако играв како тогаш ќе одев да бидам крај него. Затоа за да не седам дома по цел ден, а воедно и да бидам слободна секогаш кога ќе ме побара решив да го отворам козметичкиот салон и на ФОН да го продолжам факултетот, зашто испитите од студирањето во Србија ми ги признаа. - Каков беше заедничкиот живот со Тоше? -Ги усогласувавме биоритмите на живеење. Јас спортски бев навикната рано да легнувам и рано да станувам а тој беше навикнат да свири, пее и компонира после полноќ. Веројатно баш заради тоа што бевме различни и повеќе се привлекувавме. Знаеше на шега наутро да ме пипне и да рече- еј, па ти си стварно тука, не сонувам! Откако почнавме заедно да живееме прв пат замина на пат и кога се врати, кога го пречекав не ја криеше среќата. Ми рече дека е пресреќен што веќе не е сам и што кога ќе се врати дома има кој да го пречека. Често одевме и за Крушево. Неговото семејство е прекрасно. Тоше и семејството се типичен пример за она - кога ќе го видиш какво е детето знаеш какви му се родителите. Во нивното семејство има хармонија. Таму беше опуштен. Можеше да се шета, да игра одбојка, да седи со другарите, да ужива во јадењата што ги подготвува мајка му, кои се прекрасни. Јас го обожавам нејзиниот ширдан. Некогаш одев и јас, а некогаш сакав да оди сам зашто постојано беше на пат и малку ги гледаше. Сакав да биде сам со нив. Одев и јас кај мајка ми во Србија. Знам што значи тоа зашто и мајка ми мене не ме гледаше по шест месеци и знам како се чувствува. Еден ден ми рече- љубов, сакаш да одиме во Изрел? Секако дека прифатив и двајцата сме големи верници. Потоа ми кажа дека агенцијата "Компас" му подарила четири карти, две за него, две за неговата менаџерка. А менаџерката се откажа во името на Лаки од "Аворд", кој во Изрел беше со неговата сопруга Маја. И така помина одморот. Јас се вратив на факултет, а тој на настапите. Замина за Австралија. Таму беше седум дена. По два дена во пат и неколку концерти за три дена. Се врати преморен. Веднаш потоа беше концертот на Стадион, по кој беше пресреќен од реакцијата на публиката. Тој беше свесен колку во Македонија го сакаат, но овој пат беше навистина воодушевен. Цела ноќ не можеше да спие од радост. По концертот замина за Крушево, а јас останав во Скопе. По неколку дена почна многу, многу да инсистира да дојдам и јас. Нормално, заминав и јас. Уживавме во дружењето со неговото семејство, со внуците, со Славен и Дора, со мајка му и татко му. Игравме одбојка. Јас имав дрес 9 и неговиот во "Синалко" беше 9. Тој го носеше мојот јас неговиот. Тој играше, а јас навивав за него. Толку му беше убаво, постојано се смееше и зборуваше без прекин. Не му се тргаше за Скопје. Но, дојдовме, замина на интервју во "Вртелешка", јас го спакував и го испратив. И се случи тоа што најмалку требаше да се случи. - Имаше ли планови за брак? - За венчавање ниту јас ниту тој не спомнавме. Не знам од каде во весниците се појавија таквите муабети. Нам ни беше најважно што сме заедно. Неколку пати кога ќе сме почнеле да зборуваме за иднината веднаш се предомислувавме со изговор - ајде да не планираме, планираното секогаш испаѓа наопаку. Нему му беше важно да се заврши англискиот албум. Знаеше колку самиот се има дадено во тој албум и колку други имаат дадено. Албумот е прекрасен, ми пушташе песни додека беше на снимање и едвај чекам да излезе тој албум. Веќе имам фаворит песна. Велеше, како со тие обврски сега да имаме дете кога нема време да го гледа. Треба се јас сама. Велеше, ај уште малку вака па после ќе видиме. Дека имаме време за се. Дека цел живот е пред нас. Единствено нешто за тие осум месеци додека живеевме заедно е последниот викенд во Крушево, додека седевме во кафулето "Планет" со другарите кога како гром од ведро небо, што дури и ме збуни, кога ми рече - сакам да имам дете од тебе! Се разнежнив. Но, сега кога веќе го нема ништо не е важно. Знам дека се обиде да живее нормално, како и сите на негова возраст. Неговиот живот се сведуваше на настапи и дома во четири sида. Тој не можеше да поверува дека ако излеземе на кафе во град, во шопинг или во кино ништо нема да му се случи. Јас едвај го убедив дека и покрај тоа што е sвезда, сепак, ако некаде и малку може да биде обичен Тоше тоа е тука во Македонија. Дека ова е негов дом. Дека е грев на 26 години да седи дома. Во тоа и се увери кога почнавме да излегуваме. Бевме на журка во "Хард рок", каде си поминавме супер. Прв пат живееше како дечковците на негова возраст. Нормално. - Зошто сакавте да ја сокриете љубовта? - Со оглед на тоа дека е мега sвезда се договоривме да не се држиме за рака во град, да не се бакнуваме јавно, да не одиме заедно на сите настапи. Дека тоа е негова работа. Јас бев сосема нешто друго. Негова приватност. Но, ме изненади кога ми рече да одам со него на промоција на автомобилот "бентли". А кога отидовме таму неговата менаџерка демонстративно ја напушти промоцијата. Веројатно сметаше дека не треба да бидам таму. Скандал се случи и на неговата промоција во Александар Палас. Го убедуваше дека јас сум му ја упропастила промоцијата. Се мешаше иако таа не беше дел од приватниот живот ниту на Тоше ниту мојот. Откако јас се вселив во неговата куќа Тоше се гледаше со неа само за настапи. Знаеше за неговиот приватен живот толку колку што тој сакаше да и каже. Што е нормално. Па јас со моите тренери и претседатели на клубови не го делев приватниот живот. Тие немаа поим дали јас имам дечко, со кого живеам, што правам приватно. Зошто тогаш Тоше беше должен да и полага сметка за неговиот приватен живот. Јас не ја разбирам нејзината посесивна реакција, но уште на почетокот, уште два дена откако првиот пат почнавме да излегуваме, кога го побарав на телефон ми се јави менаџерката и ми рече - ти и Тоше не можете да бидете заедно. Јас бев шокирана и ја прашав - која си и што се мешаш, дај ми го Тоше на телефон! Таа тогаш веројатно сфати дека јас не сум ниту дете ниту бидала и дека сум личност која не може да ја контролира. Можеби таа направила нешто за неговата кариера, но јас сум негов приватен живот. Јас не се мешав во нивната работа, во кариерата во песните, а таа се мешаше во нашиот приватен живот. Тоше ми кажуваше како му велела дека не е добро испран, дека не е добро испеглан, дека е гладен и сето тоа намерно знаејќи дека јас се грижам за тоа. Јас сфатив дека нешто не е во ред откако се вратив, зашто прекинаа приватните контакти мегу Тоше и неа. Во последно време Тоше беше нервозен и постојано ми кажуваше дека менаџерката не престанува да зборува против мене. Еднаш дури за да ме увери во тоа ми ја пушти на спикерфон и јас слушав се што таа ме оговараше. Јас еднаш дури и му реков дека ако сака ќе се повлечам, дека ќе се тргнам, но тој не можеше да одлучи. Иако ми велеше дека веќе станала неподнослива. Секако, ова е само моја реакција зашто сметам дека менаџерката на Тоше нема право да изнесува детали од неговиот приватен живот, зашто таа не беше дел од неговата интима. Весна Миленковска
***
Тоше ми рече "Вљубен сум само во музиката и во Андријана" "Тоше го знам уште од 2002, а кога имаше концерт во Крушевац беше на ручек кај нас и требаше цело попладне да седи. Но, му преседна јадењето, зашто под итно менаџерката го викна дека имал обврски. Како мајка не бев среќна на одлуката на Андријана да се откаже од ракометот. Ја прашав - дали и да не е Тоше би отишла да живееш во Македонија. Кога таа ми рече да, дека тука најдобро се чувствува јас се повлеков. Во мај годинава од цела бивша Југославија од природно-математичките факултети имавме семинар во Струга и Тоше и Андријана дојдоа да ме видат. Тоше знаеше дека јас за одлуката на Андријана имав резерва, зашто не сакав детето да ми биде повредено. На ручекот Тоше ми рече дека во живтот бил заљубен во две работи, во музиката која му ја дал Господ и во Андријана. Тогаш јас се повлеков", вели Милана, мајката на Андријана.
|