Angel si ti7

 

ФОРУМ

ВАШАТА ПОРАКА

ПИСМО ДО МАКЕДОН

ВО МЕАНА НА ЧЕТ

ТЕЛЕФОНСКИ ИМЕНИК

                 Copyright 2004

 

Тоше сине, врати се...

Голема тага и болка и безброј солзи од илјадници луѓе се слеваа вчера во Крушево, каде легендата Тоше Проески беше испратена во вечниот дом. Голем број роднини и пријатели, домашни и странски sвезди, домашни и странски новинари, целиот политички врв, претставници од дипломатскиот кор и негови обожувачи од цела Македонија дојдоа да го испратат Тоше на последното патување.
Редици луѓе пристигнуваа во неговото родно Крушево уште од завчера вечерта за да за последен пат го поздрават нивниот миленик.
-Тој беше ангел, пееше како ангел и сега кога веќе не е мегу нас, местото му е само мегу ангелите, беше коментарот на тинејџерите кои се редеа на улицата пред домот на семејството Проески. Тинејџерите се упатиле кон Крушево веднаш по објавувањето на веста дека хеликоптерот со посмртните останки на Тоше слета на аеродромот во Скопје. Пристигаа организирано од различни градови во државава. Првата група од стотина тинејџери стаса уште вчера во два часот наутро. Петнаесетина минути пред да стаса телото на Тоше улицата беше полна со луѓе. Куќата се преполни со тажни лица. А во неа само лелек и болка. Никој од илјадниците присутни не можеше да ги утеши неговите родители, татко му Никола, мајка му Домника, сестра му Дора и зет му Славе за големата загуба.
Мајка му и татко му на Тоше уште од моментот кога ја дознале трагичната вест до пристигнување на неговите посмртни останки одбиваа да примат секаква лекарска помош. Во нивниот дом постојано имаше медицинска екипа од крушевската болница, но немаше кому да му пружат помош. Нивните роднини велеа дека одбивале лекарски услуги оти сакале свесно и на нозе да минат низ сета болка при испраќањето на нивното чедо. Сестра му дури не сакаше ни вода да се напие од жал дека таа пие вода, а нејзиното, како што таа му велеше, братче вода веќе никогаш нема да се напие. Дури во три часот по полноќ по речиси едночасовно убедување на лекарите се согласија да примаат инекции за смирување.
И покрај тоа татко му на Тоше не издржа и вчераутро итно беше пренесен во болницата во Прилеп. Откако прими инфузија и лекарства за смирување, лекарите го вратија назад, но не успеја да стаса за изнесувањето на ковчегот од семејната куќа и на бдеењето во црквата Св. Богородица. Скршен со придружба стаса дури на проштевањето на Гумење, под Мечкин Камен. Постојано плачеше И на глас повторуваше:"Тодорче мој, каде си, каде сега без тебе, чедо мое..", зборови на кои никој не можеше да остане рамнодушен.
Иста беше ситуацијата и со мајка му. Нејзиниот лелек без престан почна уште по добивањето на веста за смртта на нејзниот ангел, продолжи и кога го донесоа неговото тело и вчера цел ден. Таа на моменти молчеше, на моменти кршеше прсти и викаше на цел глас: "Помош, помогнете ми да го вратам!"
Времето до неговото последно испраќање истекуваше, а нејзината болка стануваше се поголема и поголема. Погласна и погласна. И кога излегуваа од дома, и во црквата на бдеењето И на проштевањето на Гумење таа на глас повторуваше: "Сокол мој, најмил мој, ангел мој, среќо моја, зошто чедо мајкино најмило, врати се сине..."
-Кажете ми дека не е вистина сето ова! Не, не е можно! Зарем никогаш повеќе нема да го видам? Зарем никогаш повеке нема да го гушнам, повторуваше Андријана Будимир, која не престануваше да плаче, а одбиваше и секаква лекарска интервенција. За да бидат покрај неа, освен другарка и Индира Кастратовиќ, дојде и мајка и, сестра и и вујко и од Србија.
Тажни и расплакани беа и внучињата од сестрата на Тоше, Никола и Кристијан. Роднините велат дека вујче им ги исполниувал сите детски желби. Од каде и да дојдел им носел подароци.
Цвеќиња, мечиња и еден куп други играчки донесоа илјадниците љубители на неговата песна. Оние кои успејаа да се приближат до собата за тага во кое беше сместено телото на Тоше, ги донесоа и подароците. Покрај цвеќето цела ноќ врз неговиот ковчег стоеше и едно сино плишано мече, како многуте што тој ги добиваше на концертите.
-Нема повеќе концерти. Нема повеќе нови песни од Тоше. Останаа само спомените од неговата љубов-музиката. Но, Тоше беше голем човек, а големите луѓе никогаш не умираат оти споменот за нив останува вечен, велеа низ солзи луге од километарската поворка. А на Гумење, додека се простуваа од пејачот со ангелски глас постојано се пуштаа неговите хитови. Почнаа со "Кој ли ти гризе образи" и понатаму се редеа уште многу негови хитови.
Тоше ги собра сите во Крушево. Гумење не било толку полно и на прославата на Илинден. Беше еден и еднинствен, повторуваа по којзнае кој пат овие два дена крушевчани редејќи се за последна прошка од нивниот омилен Тошки, кому од утре ќе му го посетуваат само вечниот дом...

 

Strelka21