|
"Мамо, како сега јас да му помогнам. Тој мене ми даде живот, што да направам јас за него". Вака реагирал сега петнаесетгодишниот Тоше Илиев од Кочани, обраќајќи и се на мајка си Евгенија (32), кога слушнал дека Тоше Проески загинал во сообраќајна несреќа во Хрватска. Во декември 2000 година кај малиот кочанчанец Тоше (тогаш на осум години) бил откриен тумор на мозокот. Операцијата во Скопје била неуспешна. На Илиеви им било кажано да бараат спас во Германија. Операцијата чинела многу пари, кои тие ги немале. Со помош на членовите на кочанската група “Калифорнија”, таткото Миле (36) стапил во контакт со Тоше Проески. Му објаснил за што станува збор. Проески на еден збор прифатил. Пеел на хуманитарен концерт во Кочани и неколку дена потоа биле собрани 6.000 марки. “Миле му нудеше на Тоше да земе дел од парите да си ги покрие трошоците, ама тој не сакаше да слушне за такво нешто. Дојде пред концертот кај нас дома. Си играше со нашиот Тоше и со неговиот помал брат Симеон. Ни велеше дека се мора да биде во ред кога Тоше ќе пее за Тоше”, ни раскажа Невенка, баба на Тоше Илиев, со солзи во очите и не испуштајќи ја сликата на Проески од раце. Операцијата била извршена во Хановер, Германија. Се поминало во најдобар ред. Проески постојано се јавувал да праша како е неговиот имењак од Кочани. Тоше Илиев со родителите и едниот брат вчера не беше во својот дом. Уште рано изутрина сите беа тргнати за Крушево, да му оддадат последна почит на Проески, кој со неговото широко срце им помогна пред седум години . “Што да ви кажам. Тој му помогна на моето дете. Таков човек повторно не се раѓа. Мораме да бидеме во Крушево, потресени сме сите. За нас ова е трагедија која тешко ја доживуваме. Што и да кажам, џабе е”, плачејќи ни рече по телефон Миле Илиев, татко на Тоше од Кочани, кој сега е прва година во Средното економско училиште. Одличен ученик е, иако видот му е значително оштетен од туморот. Како што ни рече Миле, неговиот син со Проески постојано се слушал на телефон. И кога го менувал бројот, им го давал на Илиеви да го имаат за секој случај, а неговиот штитеник од Кочани го предупредувал да не им го дава на девојчињата. Семејството Илиеви неколкупати го посетиле домот на Проески во Крушево. Им ги честитале домашните слави и имендени. Тоше од Кочани и Тоше од Крушево имале посебен однос. Последен пат се слушнале пред еден-два месеа. Договарале средба кога македонската мегаsвезда ќе се ослободи од обврските. За жал, двајцата Тошевци повеќе никогаш нема да се сретнат. Останува помладиот, овде во Кочани, да ги негува спомените за човекот што несебично му помогнал, во кого се колнел и го обожавал.
|