|
Охриѓанецот Ѓоко Танески ќе ја претставува Македонија на Евросонг во Осло, Норвешка, додека Влатко Илиевски, кој имаше ист број гласови, заради одлука на жирито остана втор.
Трета по вкупно освоени гласови од жири и публика е Маја Вукиќевиќ, четврт Влатко Лозановски, потоа Наде Талеска, "Браво бенд", Александар Белов, па Ангела Здравкова, дуетот Сузана Спасовска и Дарко Нешовски и десеттата позиција беше резервирана за "Есмас бенд". Ѓоко Танески, кој настапи со песната "Јас ја имам силата", и Влатко Илиевски, кој ја пееше "Среќа", освоија по 22 поени. Ѓоко имаше 12-ка од жирито а доби 10 од публиката. Влатко, пак, доби 12 од публиката и 10 поени од жирито. Бидејки беа изедначени во борбата за прво место ситуацијата се реши по евровизиското правило -победник е оној кој од жирито има повеќе 12-ки. Ѓоко од шестчленото жири доби една 12-ка повеќе од Влатко. - Рацете ми се тресат. Немам воздух. И немам што да кажам освен уште еднаш да им кажам благодарам на сите. Евровизиската сцена ја осетив како придружен вокал на Мартин Вучиќ, знам како е и се надевам дека нема да ве разочарам. И да ги поздравам жена ми, која е во Охрид и ќерка ми која сега спие и моите и сите, рече возбудено Ѓоко по прогласувањето. Победата на Ѓоко не го изнервира второпласираниот Влатко. - Не се лутам и му посакувам се најубаво на Ѓоко. Се надевав на победа како и сите што се надеваа. Вложив во мојот настап не затоа што е избор за Евросонг, туку затоа што сум таков. Во сите мои настапи вложувам максимално, рече Влатко. Ѓоко ќе настапи на првото полуфинале на 25 мај во Осло и доколку влезе во финалето ќе го гледаме и на 28 мај.
„ПЛАН Б“ - ЖИРИТО ГЛАСАШЕ ТЕНДЕНЦИОЗНО Победникот Ѓоко Танески за свиркањето и за извиците на негодување на дел од присутните во салата изјави дека е нормално и дека секогаш ќе има незадоволни. Им порача добро да ја преслушаат песната и тогаш ќе сфатат дека е вистинската за на Евросонг.
- Мислев дека ќе паднам на сцената, сега малку ми е подобро. Не очекував победа, ама како што се движеше крајот сфатив дека е можно. Ова е моја прва песна со Кристијан, имав понуди од повеќе автори, но за мене оваа беше најдобрата.
Танески во 2005 година, како придружен вокал, настапи на Евровизија во Украина со Мартин Вучиќ. Тој изрази желба во Осло да пее на англиски јазик, но организаторите допрва ќе ја кажат својата одлука.
- Кога бев на Евровизија со Мартин немав притисок, но добро е што ја почувствував атмосферата. Овој пат верувам дека ќе ми биде потешко, но ќе дадам се' од себе. Би сакал да пеам на англиски јазик, но ми се допаѓа и на македонски. На англиски ќе ја разберат сите, а песната има светски дух, трендовска е, а така ќе звучи поевропски. Влатко Илиевски многу го сакам, пријатели сме и би му порачал да биде здрав и жив и да победи следната година - изјави Танески.
Авторите на „Јас ја имам силата“, Кристијан Габровски и Дарко Тасев, изјавија дека се збунети, но горди на овој успех. На Габровски конечно му поминала главоболката, а Тасев изјави дека верувале во песната.
Од таборот на второпласираниот Влатко Илиевски го искажаа незадоволството од конечниот резултат. Неговиот менаџер Кристијан Стефановски од „План Б“ обвини за тенденциозно гласање на жирито.
- Жири-комисијата уште еднаш покажа дека е срам за македонскиот народ. Двајца членови од жирито, кои не заслужуваат да ги споменам, намерно гласаа за дебитанти, песни што не заслужуваат толку поени, а Влатко не доби ниту бод. Тоа го направија за Влатко да не му попречи на сегашниот победник - изјави Стефановски.
Илиевски кој настапи со песната „Среќа“ на авторите Владимир Дојчиновски и Ристо Самарџиев е задоволен што темата е веќе хит на сите радиостаници, но и тој има замерки за гласањето. Тој како второпласиран доби учество на фестивалот „Сунчане скале“ во Херцег Нови.
- Тоа што шест луѓе одлучуваат наспроти речиси 8.000 гласови од публиката нема логика. Не сум скршен, мило ми е што имам поддршка од публиката. Дел од моите обожаватели веќе ми кажаа дека ја знаат песната, а за жал не знаат ниту стих од победничката. Ѓоко ми е суперпријател, ќе му посакам барем да влезе во финалето на Евровизија, и тамам, ќе има повеќе тезги потоа - рече Илиевски.
НЕВПЕЧАТЛИВИ ПЕСНИ Коментарите што главно се слушаа низ кулоарите и меѓу авторските тимови и публиката се однесуваа на неквалитетните и невпечатливи песни што ги понуди годинашното издание на Скопскиот фестивал. Ова го потврдуваат и дел од авторите. Ристо Самарџиев смета дека ова издание не е на нивото на претходните.
- Има квалитативен напредок, тоа е во однос на сцената и тоа е единственото што доби позитивна оценка. Не е добар изборот на пејачите, од кои 70 отсто ги гледаме во оние реални шоуа во кои излегуваат да се промовираат како пејачи. Евровизија е сепак преголем залак. Тоа не го гледам како грешка на авторите или на изведувачите, туку на организаторите. Што се однесува до песните, сметам дека организаторите го симнале критериумот при изборот барем за 70 отсто во споредба со минатата година, а 100 отсто од претходните години. Лоши нумери во секој случај - вели Самарџиев.
Александар Масевски смета дека годинашниот фестивал понуди просечни песни, со исклучок на неколку.
- Не може да очекуваме само квалитетни песни. Во секој случај неколку што влегоа во финалето, како и неколку што не влегоа, мислам дека ќе си го најдат патот до срцата на слушателите.
Што се однесува до коментарите дека е најнеквалитетен фестивал досега, мислам дека секогаш се коментира така. На луѓето Евровизија им станува се' понеинтересна и можеби сфатија дека е настан што минативе години доби пренагласена димензија - вели Масевски.
Полупразните сали во текот на трите вечери, незадоволството кај авторските тимови, неинвентивните водителки и водители, кои никако не можеа да се усогласат со шегите и со коментарите и да направат вистинско шоу, техничките проблеми, лошата сценографија и изгледот на Зелената соба, се само дел од забелешките кои и оваа година се натрупаа на контото на Македонската радио-телевизија. Македонија во текот на овие три вечери не ја „дрмаше“ евровизиска треска.
|