|
Вечерва во "Кадоган Хол" во центарот на Лондон на фестивалот ПРОМС во рамките на прославата на 10-годишнината на програмата Нови генерации уметници на Би-Би-Си, концерт ќе одржи Симон Трпчески.
Веќе на 10-ти наредниот месец, македонскиот пијано виртуоз ја отвора сезоната на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар. На одамна распродадениот концерт, под диригентската палка на шеф-диригентот на овој реномиран ансамбл Василиј Петренко, ќе биде изведен Концерт број 3 за пијано и оркестар од Рахмањинов. Следат дебито на Трпчески во Трондхајм, Норвешка, заедно со диригентот Александар Ведерников кој го предводеше Оркестарот на Бољшој театарот на концертот во Скопје, а октомври продолжува со уште еден настап во британската престолнина. Трпчески ќе ја има честа да ги отвори годинашните престижни меѓународни пијано серии со настапот во салата на Кралицата Елизабета. "За таа цел подготвувам програма со малку поинаков стил од тој на кој навикнала, особено публиката во Лондон, значи музика на Хајдн, Моцарт, други дела од Шопен, но и новата суита на Панде Шахов", јавуваат од Агенцијата "КултурОп". Тој најавува и продолжување на убавата практика за настапи во рамките на проектот "Концертна турнеја низ Македонија". Во октомври, Трпчески ќе свири во Торонто и во Отава, Канада, а во ноември во Љубљана, Словенија и во Лоѓ и Варшава во Полска. Во најава е турнејата со Филхармонија оркестарот од Лондон, на која Симон Трпчески ќе биде солист во изведбата на Концертот број 1 од Чајковски, а зад диригентскиот пулт ќе застане легендарниот маестро Лорин Мазел. Турнејата ќе опфати серија концерти во Германија, Луксембург и Велика Британија, со големото финале во "Ројал Фестивал Хол" во Лондон на 3-ти декември.
|