|
На киосците во целата земја од денеска за 250 денари може да се купи првото издание на македонскиот „Плејбој“. На насловната страница е познатата поп-пејачка Каролина Гочева.
- Ми претставува пред се' чест и привилегија што сум на насловната страница на првиот број на македонското издание на еден од најпознатите светски брендови. Особено ме радува што ме одбраа токму мене поради моето долгогодишно постоење на музичката естрада и популарноста. Се надевам дека тие што ќе го купат магазинот нема да се разочараат што нема да ме видат целосно гола зашто како „плејбој селебрети“ до детали се договоривме околу фотосесијата што ја правеше Дејан Пановски со кого и порано сум соработувала, а парчињата долна облека ги одбра мојата стилистка Цаци Паковска - изјави Каролина Гочева на вчерашната презентација на магазинот во Скопје и додаде дека досега неколкупати се фотографирала за слични магазини во регионов.
Фотосесијата со Каролина ќе биде преземена од другите изданија на „Плејбој“ што се печатат во регионов, најави уредничката на весникот Билјана Зафирова.
Гочева, исто така, се надева дека излегувањето во „Плејбој Македонија“ може само да и' помогне во стекнување поголем публицитет и популарност. Нашата најпозната поп-пејачка се пофали и дека веќе во ноември ќе излезе нејзиниот најнов музички производ, албумот „Капка под небото“ кој има 10 песни снимени во студио во Сараево. Насловната песна е дело на Весна Малинова.
Специјално за скопската промоција на „Плејбој Македонија“ од Србија допатуваа Каролина Јовановиќ, која е девојка на месецот, односно „плејмејт девојка“ и Мартина Раиќ, која се соблече за последниот број на српскиот „Плејбој“ и е попозната како поранешна девојка на актерот Џерард Батлер.
- Презадоволна сум од позитивните реакции на јавноста и што веќе сум популарна во целиот регион. Воопшто не ми беше тешко ниту чудно да се соблечам за „Плејбој“ зашто како манекенка ваквите фотосесии веќе ми се познати, а тоа ми помогна да немам трема - вели Раиќ, која наскоро очекува да заигра во филм што треба да се снима во Србија.
|