|
Иако регистрацијата на дејноста е услов за користење на ЕУ-фондовите, земјоделците не ја прифаќаат обврската бидејќи за придонеси годишно треба да одвојат 80.000 денари
На земјоделците не им се доволни 2.000 денари што Владата ќе им ги даде годинава за да ја регистрираат дејноста, бидејќи имале многу поголеми трошоци за плаќање на придонесите за пензиско и за здравствено осигурување. Тие пресметаа дека годишно од својот буџет треба да одвојат 80.000 денари за да ги платат давачките. Земјоделците се децидни дека не можат да обезбедат толку пари.- За регистрација се потребни само 4.000 денари, но 80.000 ни требаат за другите давачки. Со раситнето производство и со два хектара земја ретко кој може да се регистрира - вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.
Тој најави дека нивен претставник ова ќе им го објасни на министрите и на премиерот на наредната владина седница.
Од Федерацијата на фармери, пак, предлагаат земјоделците само да се евидентираат, но не и да се регистрираат. Оттаму бараат регистрацијата и плаќањето на пензиското и на здравственото осигурување да биде по желба на производителите.
Земјоделците се плашат и од таа обврска.
- Никој нема да се регистрира зашто давачките се големи. Но и со евидентирањето може да се случи да ни накалемат некој данок - смета Цветко Тошевски, земјоделец од Скопско.
Регистрацијата на земјоделците е услов за користење на помошта од европските претпристапни фондови. Експертите се децидни дека без регистрација на дејноста нема пари од ЕУ и дека мора да се бара решение за проблемот. Според нив, за почеток на секој земјоделец може да му се даде бар-код, преку кој ќе се евидентира што поседува и каде вложува.
- Така ќе се овозможи полесно евидентирање на нивите, лозовите и овошните насади. Ќе се знае колку пластеници има и колкаво производство ќе се добие - велат тие.
Професори од Факултетот за земјоделство и храна објаснуваат дека ЕУ инсистира на регистрација за да се избегнат малверзациите во користењето на помошта. Тие истакнуваат дека казните за лажно пријавување се страшни, а последиците се долгогодишни, односно не ќе можат да се користат претпристапните фондови.
И министерот за земјоделство Ацо Спасеноски го потврдува тоа.
- Секоја година голем дел од земјоделците не можат да добијат европски пари бидејќи се нерегистрирани и за нив нема евиденција дека се занимаваат со земјоделска дејност - изјави тој.
Според него, токму поради ова, Владата партиципира со половина од сумата потребна за регистрација на земјоделците.
Субвенции и за нерегистрирани земјоделци
Околу 55.000 земјоделци ќе ги добијат предвидените субвенции за годинава, кои изнесуваат 45 милиони евра, изјави министерот за земјоделство Ацо Спасеноски. Услов да се добие финансиска поддршка е приложување потврда за произведено и предадено количество.
- Оваа година ќе почне кампањата за евиденција на земјоделците. Од идната година, неевидентираните фармери нема да добиваат пари од државата - рече тој.
Од годинава првпат се воведува помош за сертификација на квалитетот и безбедноста на храната, која покрива 50 отсто од трошоците. За оваа намена се планирани вкупно 9,2 милиони денари. Новина е и поддршката на фармери на возраст до 45 години, кои ќе добиваат еднократна помош за почнување семеен бизнис.
|