|
Амбасадорите на Грција и Македонија, Василакис и Димитров ќе одржат нова средба за името, најави во Њујорк посредникот Метју Нимиц.
Иако, според него, ситуацијата со името не е променета, тој тврди дека кај двете страни постои желба ова прашање да се реши на пријателски начин под покровителство на ОН.
„Ќе имаме уште еден состанок кој ќе го свикаме во блиска иднина, имаше избори во Грција, помина долго време откако се случи последниот состанок“, изјави Метју Нимиц, посредник во спорот за името.
Претседавачот на Генералното собрание, кој пред два дена на пленарна седница Црвенковски го најави како претседател на РМ, останува на ставот дека ниту во Њујорк нема компромиси со уставното име.
„Како претседател на Генералното собрание не можам и не сакам да си дозволам да одам против достоинството на било која земја-членка, вклучувајќи ја и мојата сопствена“, рече Срѓан Керим, претседавач на ГС на ОН.
По средбата со Министерката за надворешни работи на Грција заменик државниот секретар на САД Николас Барнс, со смирувачки тонови за Грција, но во исто време во дипломатски стил, ја исклучи можноста трета страна да наметнува решение во спорот за името.
„Мислам дека Грција има право да очекува вистински преговори и затоа на владата во Скопје и рековме дека се работи за комплексно и деликатно прашање, кое бара сериозни разговор. Не мислам дека Обединетите Нации треба да наметнуваат какво да биде решение за името. Ние сме сојузници и пријатели на Грција, но ние сме и многу добри пријатели со властите во Македонија и разговараме со двете влади“, изјави Николас Барнс, заменик државен секретар на САД.
Во своите извештаи за името грчките медиуми се почесто објавуваат, дека од 192 членки на светската организација, 132 во билатералните односи го признале уставното име на Македонија.
|