|
Канада и официјално потврди дека ја признава Македонија под уставното име и дека во билатералните односи нема да ја користи референцата БЈРМ и ги отфрли наводите дека тоа ќе ги наруши нејзините односи со Грција. Како што вели официјална Отава, во односите со ОН и со другите меѓународни институции таа ќе го почитува постојниот договор на Грција со Македонија за употреба на референцата БЈРМ во мултилатералната комуникација."Канада не сака да биде ограничувана во своите односи со Република Македонија или со која било друга држава поради нејзин спор за името. Одлучивме во билатералните односи да ја викаме Македонија онака како што таа самата се нарекува во нејзиниот Устав и во нејзините граници", изјави портпаролот на канадското Министерство за надворешни работи Максим Берние.Тој додаде дека овој комбиниран пристап е сличен на оној на повеќето држави кои во своите билатерални односи со Македонија го користат нејзиното уставно име. Во петокот грчката дијаспора жестоко реагираше дури и со закана дека ќе паднело и крв по повод признавањето на Република Македонија под уставното име од Канада. Грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани вчера требаше да се сретне со генералниот секретар на ООН Бан Ки Мун во Њујорк и да разговараат за спорот со името. Грчкиот весник "Катимерини" тврди дека Бакојани ќе се обиде да изврши притисок зашто наближувал моментот кога Македонија ќе влезе во последната етапа од патот НАТО.
|