|
Во поттрибинскиот простор ќе се отворат музеј на фудбалскиот клуб „Вардар“ и продавници за навивачки реквизити
[Старата северна трибина заминува во сеќавањата]
Работниците од градежното претпријатие „Бетон“ вчера со тешка механизација почнаа да ја уриваат северната трибина на Градскиот стадион. На почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Никола Груевски, како и раководството на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП), под чии ингеренции е спортскиот објект.Во изминатата недела работниците ги извадија столчињата и другите употребливи предмети од трибината и ги завршија подготовките за почеток на градежните работи. Премиерот Груевски изјави дека очекува за една до две недели „Бетон“ целосно да ја урне постојната трибина, за да може потоа ЕВН да ја отстрани старата електрична инсталација. Новата модерна трибина треба да почне да се гради на почетокот на наредниот месец. Груевски најави дека веднаш по завршувањето на северната трибина ќе распишат јавен повик за реконструкција на источната и на западната трибина.
- Оценивме дека е подобро, и од финансиски аспект, а и за да не остане стадионот само со една трибина, реконструкцијата да ја вршиме етапно, прво северната, а потоа и двете странични трибини - вели Груевски.
По завршувањето на изградбата, северната трибина ќе биде оддалечена од таканаречениот „кинески ѕид“ само 10 метри, кои се предвидени за сервисна улица, а пристапните платформи до трибината ќе поминуваат на само два метра од зградата.
Директорот на ЈПССДП, Ивица Конески, изрази надеж дека Градот и Општина Центар навреме ќе ги изградат инфраструктурните објекти околу стадионот.
- Паркингот за потребите на стадионот ќе биде од другата страна на Вардар, под Кале, а според детаљниот урбанистички план, оттаму до стадионот е предвиден пешачки мост - вели Конески.
Северната трибина, која ќе чини 15 милиони евра, ќе собира повеќе од 10 илјади гледачи и ќе има околу 7 илјади квадратни метри комерцијални објекти во поттрибинскиот простор.
- Ќе има музеј на фудбалскиот клуб „Вардар“ и на други клубови што го користат стадионот, како и продавници за навивачки реквизити за клубовите и репрезентацијата. Ќе се продаваат дресови, шалови, навивачки маици - вели Конески.
Рокот за изградба на северната трибина е 18 месеци. По целосната реконструкција, стадионот треба да собира 40 илјади гледачи и ќе биде еден од најубавите спортски објекти на почвата на поранешна Југославија. На крајот од месецов ќе се знае што треба да се направи во меѓувреме за УЕФА да дозволи фудбалската репрезентација на Македонија своите натпревари како домаќин да ги игра на Градски.
|