Nedelnik 8

 

ФОРУМ

ВАШАТА ПОРАКА

ПИСМО ДО МАКЕДОН

ВО МЕАНА НА ЧЕТ

ТЕЛЕФОНСКИ ИМЕНИК

                 Copyright 2004

 

Уапсени косовци при обид да влезат во Собранието

Повредени полицајци, приведени деветмина насилници, меѓу кои и двајца Косовци, запленето автоматско оружје и пиштоли е епилогот на завчерашниот скандал во Собранието, кога дојде до физичка пресметка меѓу ДУИ и ДПА, а која потоа се прелеа и пред собраниската зграда и траеше до полноќ бидејќи вооружена група од 20 лица се обиде насилно да влезе во зградата на Парламентот.
Во одбраната на Собранието од вооружената група, повредени се петмина припадници на мобилната единица "Алфи" и четворица од вооружените насилници. Повредените по инцидентот биле пренесени во Ургентниот центар заради укажување лекарска помош.
Полицијата во акцијата која уследи во попладневните и во вечерните часови, како што соопшти вчера МВР, привела деветмина осомничени, против кои биле поднесени кривични пријави за недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи и за кривичното дело напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста.
При полициското чешлање на теренот бил откриен автомобил "мерцедес" со охридски регистарски ознаки, сопственост на Шефик Исмаили (33) од с. Зајас - Кичево, во кој седеле две лица, а во негова близина биле собрани повеќемина. По извршеното легитимирање и личниот претрес кај Адеми Ахмет (28) од с. Зајас - Кичево, полицијата пронашла еден пиштол "бул сторм" со 15 куршуми калибар 9мм, а кај Буши Фаредин (32) од с. Пустеник - Косово е пронајден пиштол "црвена застава " - М-57 со 9 куршуми, калибар 7,62мм. При претресот на автомобилот биле пронајдени и една автоматска пушка "узи" модел - Б калибар 9 мм со една рамка со 32 куршума, една автоматска пушка "калашников", како и уште два други пиштола со муниција
Осомничените Јакупи Бурими (26), Исмаили, Буши од село Пустеник - Косово и Ахмет од с. Зајас - Кичево биле приведени. По пронаоѓањето на оружјето, по налог на истражен судија, од паркинг-просторот пред Собранието биле подигнати уште четири автомобили. При претресот во нив биле пронајдени уште една автоматска пушка, два пиштола и една радиостаница.
Неколку часа по инцидентот или поточно околу 20.30 часот пред Собранието на РМ со 11 возила пристигнала поголема група граѓани кои поставиле блокади на ул. 11 Октомври и на улицата Вељко Влаховиќ. Од нив излегле 20-30 лица и се упатиле кон собраниската зграда. Кај неколкумина било забележано автоматско и друго оружје. Во близина на заштитните огради пред Собранието тие биле пресретнати од припадници на мобилната единица, по што неколку службени лица биле нападнати при обидот да ги спречат да се упатат кон зградата. По преземените мерки, толпата била разбиена, при што поголемиот дел од непознатите вооружени лица избегале во правец на паркот Жена борец, Градскиот трговски центар и трговскиот Центар "Мавровка". Петмина од толпата се приведени. Станува збор за лицата Муарем Асани (27), Меџит Асани (36), Сељам .Асани (40), сите од с. Танушевци, како и Тршани Ибраим (42) од Скопје и Мухамед Мемети (30) од Тетово, од кои четворица, поради повредите со кои се здобиле при нападот на службените лица, биле префрлени во Клиничкиот центар.
 

Strelka21