|
Уставното име Република Македонија повеќепати беше изговорено на завчерашното Генерално собрание на Обединетите нации, што предизвика силни негодувања кај грчката страна. Претседавачот со 62. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации д-р Срѓан Керим, при повикот да им се обрати на светските лидери, го најави Бранко Црвенковски како Претседателот на Република Македонија, што веднаш предизвика реакции кај грчките претставници. "Во однос на тоа како ја именувавте земјата на следниот говорник, сакам да го потенцирам следново. Со резолуциите на Советот за безбедност на ОН и на Генералното собрание донесена е одлука при обраќањето кон оваа земја да се користи референцијата ФИРОМ, се додека тоа не се реши со меѓусебните преговори. Господине Претседателе, ве молам правилното име - Поранешна Југословенска Република Македонија - да се користи во сите цели во ОН, како што пропишуваат резолуциите", рече грчкиот амбасадор во светската организација Џон Мурикис. На тоа претседавачот Керим му одговори. "Свесен сум за овие факти. Во исто време, како претседавач со Генералното собрание, задолжен сум да покажам почит кон достоинството на секоја држава членка на ОН, вклучувајќи ја и мојата". Претседателот Црвенковски во својот говор, во кој се осврна на ублажувањето на глобалното затоплување, борбата против тероризмот, состојбите во Македонија и на нејзините евроатлантски интеграции, прашањето за Косово итн., дури 12 пати го употреби името Република Македонија, а на крајот му врати и на грчкиот амбасадор во ОН, велејќи: "Со или без вашите процедурални забелешки, името на мојата земја е Република Македонија и ќе биде Република Македонија", по што следеше аплаузот од присутните на Генералното собрание. Овој настап на македонската делегација на Генералното собрание, потпомогнат од претседавачот Керим, предизвика силни и панични реакции кај Грција, па нејзината мисија во ОН веднаш одржа прес-конференција, на која соопшти: "Г. Керим со неговиот денешен потег, реагирајќи по инструкции на неговата влада, непоправливо си нанесе штета и си го поткопа кредибилитетот за целиот негов мандат. Оваа неприфатлива акција на г. Керим ја реафирмира провокативната и бескомпромисна позиција на Владата во Скопје". Реакции имаше и од Министерството за надворешни работи на Република Грција. "Со ова само се потврдува непопустливата политика на Скопје. Тоа само ја реафирмира политиката на Грција, која нема да оди по тој пат. Ние ќе реагираме како што диктира нашиот статус како најстара членка на ЕУ и НАТО во регионот. Одговорноста за последиците целосно и припаѓа на Владата во Скопје", стои во изјавата на портпаролот на грчкото МНР Јоргос Кумуцакос. Проблемот со името помеѓу Македонија и Грција трае уште од осамостојувањето на земјава од Југославија во 1991 година. Во 1993 година Македонија во ОН беше примена под референцијата ПЈРМ (ФИРОМ), а од 1995 година со привремената спогодба, потпишана од двете земји, во ОН течат преговори за постигнување решение за овој проблем. Грција се противи на користење на името Македонија од нејзиниот северен сосед, тврдејќи дека со тоа се имплицира на нејзината северна провинција со истото име. Ова поентирање во ОН следува по признавањето на уставното име од Канада, 118. земја членка на светската организација која направила ваков чекор. Претседателот Бранко Црвенковски вчера доцна навечер по македонско време требаше да се сретне со специјалниот пратеник на ОН во преговорите за името Метју Нимиц.
Негодувања и во грчките медиуми Грчките медиуми настанот во ОН го нарекуваат фијаско на Скопје, а политиката на Грција ја нарекуваат правилна. Во изјава за радиото "Скај", министерката за надворешни работи Дора Бакојани вели: "Керим испрати порака до сите партнери и пријатели во која јасно се посочува дека тоа што го тврди Грција навистина е така". Грчкиот весник "Етнос", пак, пишува дека Скопје направило невидено фијаско во Њујорк и дека предизвикало сериозна криза во македонско-грчките односи. Но, истовремено, овој весник ја критикува Бакојани и грчката мисија во ОН дека биле неспособни за реакција на провокацијата од Скопје. Според "Етнос", Бакојани намерно го направила својот распоред за време на обраќањето на Црвенковски да биде на пат кон аеродромот. Конзервативниот и влијателен весник "Катимерини", пак, во еден од своите коментари напиша дека прашањето за името не е круцијално за Грција и не е закана за нејзината безбедност. "Катимерини" нуди две решенија - или вето за влез во НАТО и притисок за прифаќање компромисно решение или дозвола за влез во Алијансата под ФИРОМ, а потоа Грција да се повика на привремената спогодба.
|