|
Државниот врв бара од МПЦ да остане духовен столб на македонската нација. Поглаварот г.г. Стефан порачува да не не обесхрабрува неправдата што и оваа година во Букурешт и беше нанесена на Македонија. -Сите ние како чеда на Македонија, должни сме да придонесеме во запазувањето на нашето минато и на нашата сегашност, зашто само така ќе обезбедиме и трајна македонска иднина. Неправдите кон нас не се ништо ново, вели во посланието Архиепископот
-Неправдите кон нас треба да ни помогнат да станеме поединствени и поцврсти во бранењето на нашиот национален и духовен идентитет. Ова е поентата од пораката што Охридскиот и Македонски Архиепископ, г.г. Стефан ја упати до верниците пред чествувањето на Христовото воскресение, во ова 2008 лето господово. Поглаварот на МПЦ, зборувајќи за неправдата кон македонската нација која и оваа година и се случи во Букурешт, кога не ја доби поканата за НАТО, поради проблемот со името, ги повикува верниците да истраат во одбрана на националниот идентитет.
-Сите ние како чеда на Македонија, должни сме да придонесеме во запазувањето на нашето минато и на нашата сегашност, зашто само така ќе обезбедиме и трајна македонска иднина. Неправдите кон нас не се ништо ново, вели во посланието Архиепископот.
Велигден е празник кој православната црква го слави и како празник на простувањето, доблест која, според зборовите на апостолите треба да го краси секој христијанин. Тоа, како што вели преданието, и самиот Христос го побарал за своите џелати кога на Велики петок бил распнат на крст.
Затоа, вели Поглаварот на Македонската Православна црква, да застанеме добро и да им простиме на сите што не невредиле. Оттаму ова Христово воскресение нека ни биде духовна пролет, време на милост и проштевање за секого од нас, каде и да сме, порачува г.г. Стефан.
Македонската правослвна црква и оваа година ќе го одбележи најголемиот христијански празник со централна литургија вечерва на полноќ пред Соборнит храм Св. Климент Охридски во Скопје, со која ќе чиноначалствува Поглаварот, г.г. Стефан.
Вчера пак во сите храмови на МПЦ, беше одбележан Велики петок, ден на страдањата и смртта на Исус Христос. Православна црква овој ден го слави со молитви и читање извадоци од Светото писмо. Преданијата велат дека на тој ден кога Христос во шестиот час од денот починал на крстот, сите ѕвона во Ерусалим распукале, а мртвите излегувале од гробовите. Затоа од Велики петок па се до сабота на полноќ не бијат црковните ѕвона. Звукот на камбаните на полноќ ќе го означат Христовото воскресение. Торжествениот црковен поздрав е Христос Воскресна- Навистина Воскресна.
ТАЈНА ВЕЧЕРА Светите книги и преданијат зборуваат дека одлуката за погубување на Христос, кој во тоа време во Израел добивал се поголема доверба меѓу населението, ја донело Еврејското црковно собрание, исплашено за својата иднина во среда пред тајната вечера. Исус бил уапсен кај Гетсеменската градина, по тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. Судењето на Исус требало да добие и поткрепа од тогашните римски власти на Јудеја, па затоа бил изведен пред Понтиј Пилат, кој всушност одлучил насобраниот народ да биде тој што ќе ја донесе одлуката за смртта на Христос. Веднаш потоа Пилат рекол дека тој не се чувствува виновен за смртта на "овој праведник". По часовите на страдање, Христос бил распнат на крст на ридот Голгота. Според сведочењата на апостолите, тој воскреснал во третиот ден.
ЧЕСТИТКИ ОД ДРЖАВНИОТ ВРВ Во пресрет на Велигден до Поглаварот на МПЦ, честитки испрати државниот врв. Претседателот Бранко Црвенковски го повикува Архиепископот да продолжи со улогата на духовен татко на нацијата. На овој најзначаен христијански празник за сите нас, без кој Христовата вера би била празна и кој ни помага верно да го чуваме нашето народно битие и духовно наследство, сакам да Ве повикам Вас да продолжите како досега, така и во иднина непрекинато да го заложувате Вашиот авторитет и духовна сила за натамошно почитување на верската различност и унапредување на меѓусебната толеранција и соживот на сите граѓани на Република Македонија, се вели во честитката.
Премиерот Никола Груевски пак, вели дека на овој ден треба да се истакне благородната мисија на МПЦ. Овој голем христијански празник е можност да се истакне и благородната мисија на Македонската православна црква за мир и благосостојба меѓу луѓето, за вековитата истрајност во зачувувањето на духовното и културно наследство и идентитет на македонскиот народ. Нека ни е честит Великиот ден - Воскресение Христово и нека Господ не обдари со сила, верба и благослов, за да го сочуваме и негуваме она што ни го дал како наследство, чекорејќи по тој пат праведно и чесно, се наведува во пораката од премиерот Груевски.
ИЗМЕНЕТ СООБРАЌАЕН РЕЖИМ Вечерва во периодот од 18 часот до 6 часот наутро, поради оддбележувањето на Велгден во Соборниот храм во Скопје, ќе биде забрането одвивање на сообраќајот на дел од булеварот Партизански одреди. Се работи за потегот од крстосницата со улицата Рузвелтова до крстосницата со улицата Васил Главинов, како и дел од булеварот Свети Климент Охридски, на потегот од крстосницата со улицата Орце Николов до крстосницата со улицата Димитрие Чуповски. Автобусите на јавниот градски сообраќај, што се движат по булеварот Партизански одреди во насока запад (кон Карпош), ќе бидат пренасочени и ќе се движат по улиците Васил Главинов, Димитрие Чуповски, Митрополит Теодосиј Гологанов и Рузвелтова. Во насока исток, пак, ќе се движат по улиците Рузвелтова, Митрополит Теодосиј Гологанов, Димитрие Чуповски, 11 Октомври и Васил Аџиларски, пришто ќе се користат постојните автобуски стојалишта.
|