|
Авион на МАТ завчера околу 20 часот принудно слетал во Истанбул,Турција откако грчките воздухопловни власти му забранија прелет преку грчкиот воздушен простор. Летот за Шарм Ел Шејк со прелет преку Грција, бил претходно одобрен од европските воздухопловни власти - Еуроконтрол. За инцидентот со кој била загрозена безбедноста на патниците, бордот на директори на МАТ одлучил да покрене постапка пред Судот во Стразбур. Канадерот на МАТ со 86 патници и четири членови на екипажот во понеделникот вечерта полетал од Скопје за Египет. На 30 километри пред Грција, капетанот на авионот Емил Георгиев се јавил на грчката контрола на летање за да добие дозвола за прелет, но неколку минути не добил никаков одговор. Дури по втората најава, Грчката контрола одговорила дека не дозволува влез на авионот во грчкиот воздушен простор. Пилотот на авионот Георгиев вели дека наместо со вообичаената најава 'македонија 980' авионот на Грчката контрола на летањего најавиле со трите почетни букви 'мајк-алфа-кило 980'. "Ова го направивме за да не ги провоцирам Грците, но тие одговорија политички. Забраната сигурно не беше одлука на еден контролор. Како да сакаа провокација", вели Георгиев. Канадерот на МАТ веднаш свртел и воопшто не влегол во воздушниот простор на Грција. Патниците во авионот прво добиле информација дека се враќаат во Скопје, а потоа биле известени дека продолжуваат за Истанбул, каде авионот слетал и било дополнето гориво. Од таму продолжил за Египет. "Имавме дилема и дали Никозија, заради блискоста со Грција, ќе ни дозволи прелет, ама немавме проблеми. Летот за Шарм Ел Шејк беше реализиран само што беше подолг за 40 минути", вели Георгиев. МАТ соопшти дека забраната за прелет е грубо кршење на меѓународното право и на одредбите на Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство чии потписници се Република Македонија и Република Грција. "Ова е инцидент без преседан со кој е нарушена безбедноста на летот. МАТ трпи и безразложни штети. Очекуваме од Владата и надлежните министерства остро да реагираат и да го применат правото на реципроцитет со што и на грчките компании ќе им бидат забранети прелети над македонска територија", изјави вчера заменик директорот на МАТ, Сашо Мојсовски. МАТ има планирано околу 50 лета за Египет ова лето. Доколку секој лет трае 40 минути подолго, тоа би значело околу 650.000 евра загуба, покажуваат првичните пресметки кај македонскиот редовен авиопревозник МАТ. (А.С.)
Владата нема да ги забрани прелетите на "Олимпик" и "Ејџијан" Владата нема да преземе реципрочни мерки и да им ги забрани прелетите на грчките авиокомпании преку македонска територија. Владиниот портпарол Ивица Боцевски вчера изјави: "Владата уште чека одговор на првата протесна нота (за забраната за чартер летови на МАТ за грчките острови, н.з.)но гледаме дека овој тренд на грчките власти продолжува. Македонија повторно и за овој инцидент ќе ги извести и ИКАО и властите во ЕУ од аспект на кршење на правата на слободно движење како и од аспект на кршење на човекови и корпоративни права. Во иднина ќе разгледаме и други опции", изјави Боцевски. Државната грчка авиокомпанија "Олимпик" и приватната "Ејџијан" секојдневно ја прелетуваат Македонија на летовите од Солун кон северна Европа.
|